In memoriam д-р Бранислав Русиќ

Предмети



Биографија

Професорот Бранислав Русиќ (1912 г., Томино Село, Порече – 1971 г., Белград) е втемелувачот на повоената етнографија и етнологија како образовни и истражувачки дисциплини и е зачетник на систематските етнографски истражувања во социјалистичка Македонија. Раководел со новоформираната студиска програма по етнологија на новоформираниот Филозофски факултет во 1946 г. со што директно учествувал во осмислувањето на повоените студиски програми по етнографија и етнологија, учествувал во организирањето на научноистражувачкиот живот од сферата на етнологијата, реализирал теренски истражувања низ Македонија, бил „главен повереник“ за СРМ во реализирањето на големиот југословенски проект „Етнолошки атлас на СФР Југославија“. Учествувал како идеен творец на елаборат за Институт за (проучување) на народната култура или Етнолошки институт, што во 50-тите години на ХХ век резултирало со основање на Фолклорниот институт, денес Институт за фолклор „Марко Цепенков“. Ова наишло на големо противење кај Бранислав Русиќ, бидејќи тој се залагал истражувачката институција да биде со што поширок научноистражувачки опсег на народната култура, а не само на еден нејзин сегмент – фолклорот.

И покрај големото познавање на современите теоретски приоди кон етнологијата и антропологијата на Западот, тој решил да се позанимава со теренско истражување и систематско бележење на карактеристиките на народната култура, која веќе била во засилен и забрзан процес на трансформација под влијание на модернизацијата, индустријализацијата, а особено поради драстичните промени во општествениот и политичкиот поредок во земјата. Оставил обемни теренски материјали, кои до денес се чуваат во посебен архивски фонд во Архивот на Македонската академија на науките и уметностите во Скопје.

Бранислав Русиќ бил голем поборник за употребата на аудиовизуелните средства во истражувачкиот процес поради што учествувал во изработката на неколку етнолошки филмови, а бил југословенски претставник на Конгресот на етнолошки филм во Атина.

Бранислав Русиќ како професор по етнологија во Скопје во 1950 година имал прилика да биде домаќин и да ги придружува на своите теренски патувања професорот Алберт Лорд, водечкото име во светската фолклористика во тоа време, од Скопје преку Прилеп до Охрид, при што заеднички заклучиле дека Македонија е најбогатиот извор на лирска поезија и дека најдобро ја зачувала традицијата на усниот епос. Во 1962 година Бранислав Русиќ бил домаќин и на познатиот американски брачен пар, антрополозите Барбара и Џоел Мартин Халперн, кои престојувале и патувале низ Македонија, а истражувале во Струшко.

Кратка биографија и образование

Семејството на Бранислав Русиќ потекнува од селото Герман во Егејска Македонија. Таткото на Б. Русиќ, Ѓерман Русиќ е роден на 8.5.1880 г., а во 1906 г. се оженил со Стамена Србиновиќ од с. Манастирец во Порече, каде што семејството Русиќ најверојатно веќе било доселено од Егејска Македонија.

Бранислав Русиќ е роден на 29.10.1912 г. во Томино Село во Порече, а по смртта на неговата мајка во 1918 г., татко му се преженил со Јелена Апчевиќ од с. Браилово, и целото семејство се преселило да живее во Прилеп. Ѓерман Русиќ бил учител, чесен човек, домаќин, а неговите синови, Светозар, Вукашин и Бранислав, уште како младинци се истакнувале со голема интелектуална дарба, извонредно воспитување и тивка природа. Во Прилеп, семејството го викале Русевци.

Бранислав Русиќ основното образование го започнал во Тополница, во Порече, а го завршил во Прилеп. Гимназија започнал да учи во Прилеп, продолжил во Крушевац, а завршниот испит го положил во Битола со одличен успех.

Во 1934 г. Б. Русиќ се запишал на етнолошката група на Филозофскиот факултет во Белград и студирал кај познатите професори Тихомир Ѓорѓевиќ и Јован Ердељановиќ. Во текот на Втората светска војна, во 1941 г. бил заробен во Србија и интерниран во логор во Германија, а оттаму истата година бил префрлен во Софија, исто така во логор од каде што успеал да избега. Меѓутоа, по налог на бугарските окупациони власти, германската служба за безбедност повторно го уапсила во Србија, и требало да биде повторно вратен во Бугарија како затвореник. Наместо тоа, во 1943 г. бил испратен на присилна работа во близина на Белград каде што поминал шест месеци. Целото семејство било подложено на прогон и понижувања во текот на бугарската окупација на Македонија. Единствените пријатни моменти од воените години му биле поврзани со запознавањето и женидбата со Јованка Цуциќ од с. Александрово во Банат на 15.4.1944 г.

При основањето на Филозофскиот факултет во Скопје, Владата на СР Македонија го поканила да се стави на располагање за потребите на факултетот. Тој на 11.10.1946 г. позитивно одговорил и ја започнал својата дејност како универзитетски предавач по етнологија во Скопје.

Докторската теза Б. Русиќ ја пријавил во 1941 г. на Универзитетот во Белград, но, поради војната и смртта на професорите Т. Ѓорѓевиќ и Ј. Ердељановиќ, работата врз неа се пролонгирала. Тој докторирал во 1951 г. на Сеучилиштето во Загреб со темата „Немскиот јазик во преданијата и во усната книжевност на Јужните Словени“ (Nemušt jezik u predanju i usmenoj književnosti Južnih Slovena).

Починал во август 1971 г. во Белград.

Работа во институција

Во 1936 г. бил забележан како еден од најдобрите студенти на групата и станал помлад асистент на Етнографскиот семинар. По отслужувањето на воениот рок во 1938 г. станал редовен асистент.

Од крајот на август 1945 г. до крајот на декември 1946 г., Русиќ службувал во Етнографскиот музеј во Белград, а од крајот на мај 1946 г. бил „доделен“ на работа во Институтот за меѓународни прашања при тогашното Министерство за надворешни работи како советник на претставникот на Париската мировна конференција – Димитар Влахов.

Од 1946 г. тој започнал да работи како предавач по етнографија и етнологија на новооснованиот Филозофски факултет во Скопје на Семинарот за етнографија и етнологија.

Во 1951 г. бил избран за доцент, а во 1959 г. за вонреден професор на Филозофскиот факултет во Скопје. По укинувањето на студиите по етнологија и на Семинарот за етнографија и етнологија, Б. Русиќ е префрлен на Природно-математичкиот факултет на студиите по географија каде што предавал општа и посебна етнологија. Во 1965 г. бил избран за редовен професор.

Бил ангажиран во создавањето елаборат за посебен Институт за проучување на народната култура, при што на крајот бил создаден Фолклорниот институт во Скопје, каде што во 1950 г. бил назначен за хонорарен раководител на Одделението за народна литература и книжевност, а во 1952 г. за раководител на Одделението за народни обичаи и игри. Б. Русиќ до крајот на својот живот се противел на создавањето на институт за фолклор, протежирајќи ја идејата да се создаде институт со пошироко поле на дејствување во кој ќе се проучува севкупноста на народната култура, а не само некои нејзини аспекти.

Сѐ до смртта во 1971 г. бил професор по етнологија на студиите по географија на Природно-математичкиот факултет во Скопје.

Престои

Во мај 1939 година, Б. Русиќ учествувал како водач на игроорци од Лазарополе на Меѓународниот фестивал за уметнички и народни игри во Брисел, Белгија, каде што се претставиле со специфични народни игри од Западна Македонија.

Истата година, Б. Русиќ одржал предавање во Прилеп со наслов „Која вера е најстара?“.

Во 1946 година во Македонскиот дом во Белград одржал предавање „Слободарскиот дух кај Словените“, а потоа во Белград и во Александрово одржал предавање „Општ увод за статиите и пишувањето за Јулиска Краина“. На Народниот универзитет во Скопје одржал предавање со наслов „Словенско-грчките етнички односи во средните векови“ во 1950 година.

Истата година во Југославија дошол проф. Алберт Лорд (Albert Bates Lord) од Харвардскиот универзитет, познат истражувач во антрополошката и во фолклористичката наука, со намера да изврши уште некои истражувања и да ја спореди современата состојба на народната поезија со она што пред петнаесетина години порано го запишал неговиот професор Милман Пери (Milman Parry). Истражувајќи, А. Лорд во придружба со проф. Б. Русиќ ги поминал терените од Скопје спрема Прилеп до Охрид. Тогаш и двајцата заклучиле дека Македонија е најбогатиот извор на лирска поезија и дека најдобро ја зачувала традицијата на усниот епос. Македонските епски песни, во придружба на трожична гусла, како што сметал проф. Лорд, се кратки, без украси и китење на кое наидувал кај муслиманските песни во Санџак и во Босна и Херцеговина; покрај тоа, тие снимиле кажувања за свадбените обичаи и за инструменталната музика, посебно за гајдите. Во книгата на Милман Пери „Српскохрватски јуначки песни“ (Српскохрватске јуначке пјесме), што ја уредил А. Лорд, тој напишал: „Во Македонија, област што за мене беше целосно нова, бев необично среќен што ја имавме помошта на Бранислав Русиќ, професор по етнологија на Универзитетот во Скопје. Тој го знаеше секое село во Македонија, а и самиот е искусен собирач на фолклорот...“

Во летото 1962 година, Б. Русиќ и неговиот колега проф. Џоел М. Халперн (Joel M. Halpern) од САД истражувале во струшкиот предел.

Како гостин на Филозофскиот факултет на Универзитетот Комениус во Братислава, Б. Русиќ учествувал во текот на јули 1969 година на Третиот етнолошки семинар (Seminarium Ethnologicum III) во Липтовска Тепличка, каде што собрал податоци за животот и обичаите на мештаните. Оттаму, тој и неговиот колега проф. Јан Подолак дошле во Македонија да го испитуваат овчарството во Македонија, посебно во источните делови, како дел од заедничкиот научноистражувачки проект на двата универзитетa. Патувале и се стационирале меѓу сточарите во нивните населби околу селата Шипковица и Козбунар на падините на Плачковица. Испитувањата биле проширени и на планините Кожув, Пелистер и Бистра.

Во мај 1957 година, како гостин, Русиќ бил на десетдневна турнеја во Словенија, каде што одржал предавања на студентите по етнологија на Природно-математичкиот и на Филозофскиот факултет во Љубљана за „Етнологијата на Македонија и Бугарија“. Во САЗУ одржал предавање за „Учеството на еден дел од Јужните Словени во создавањето на грчкиот и арбанашкиот народ“, а во Друштвото на фолклористите на Словенија – „За гусларството во Македонија“.

На второто патување во Словенија, во 1963 година, на студентите им предавал за „Несловенските народи на Балканскиот Полуостров“, а во Институтот за музичко народно творештво – „За шкотското народно творештво“. Во октомври 1965 година, на покана на Етнографскиот музеј во Љубљана предавал за „Некогашните ветерници во Македонија“ во споредба со словенечките.

Во 1959 година, во Бања Лука било одржано Собранието на Етнолошкото друштво на Југославија и советување на етнолозите, каде што Русиќ учествувал со реферат „Етнологијата и филмот“, а во Народниот универзитет го одржал предавањето „Постанокот на македонскиот народ и неговите денешни одлики“ со проекција на етнолошки филм од Македонија. Секогаш кога имал услови и технички средства, вршел фотографирање на теренските истражувања, а подоцна почнал да ја користи и филмската техника заради создавање поуспешна и веродостојна етнолошка документација.

Освен немонтираните теренски филмови, тој напишал и сценарио и стручен текст за етнолошкиот документарен филм „Суваче, во режија на Жарко Пешиќ. Како стручњак за визуелна антропологија учествувал на конгресите на Меѓународниот сојуз на филмските архиви (со седиште во Париз), започнувајќи од оној во Дубровник во 1956 година, па сѐ до состанокот во Атина во 1961 година, на кој Б. Русиќ бил југословенски делегат. На овој конгрес биле одржани повеќе предавања за етнолошкиот и за социолошкиот филм, а биле прикажани и македонските филмови „Тенда“, „Велигденските обичаи во Порече“ и „Ѓурѓовденските обичаи во Скопска Црна Гора“.

Во 1959 година учествувал на Првиот основачки собир на истражувачите на народни приказни во Кил и во Копенхаген со предавање за истражувачката работа на народните приказни во Македонија.
Во 1961 година, на Собирот на југословенските етнолози во Велес, Б. Русиќ говорел за населението во Македонија, а во текот на јуни 1963 година, при повторниот престој во Британија, за своите истражувачки проекти зборувал преку британските радиостаници (Би-би-си) на темата: „Шкотските кланови и црногорските племиња“.

На Симпозиумот за старата градска архитектура и урбанизацијата на градовите, одржан во Охрид 1964 година, Б. Русиќ учествувал со корефератот на тема „Потребата да се заштити старата македонска куќа“.

Бранислав Русиќ учествувал на последниот Конгрес на Меѓународното друштво за истражување на народното раскажување (International Society for Folk Narrative Research) во Букурешт, во втората половина на август 1969 година.

Се пријавил и на Конгресот на Сојузот на фолклористите на Југославија во Бовец, во септември 1970 година, со предавањето „Словенечките доселеници од Јулиска Краина во Македонија“. За Советувањето на Етнолошкото друштво на Југославија во Црна Гора пријавил предавање за обредните маскирања во Македонија и кај Црногорците во Македонија. За Првиот меѓународен конгрес во Париз, во втората половина на август 1971 година, се пријавил со предавање „Немскиот јазик кај Јужните Словени“ (Language gestuel ches Slaves du Sud).

За жал, тешката болест го попречила конечното реализирање на неговите истражувачки проекти и научнички замисли.

Трудови и конф.

Библиографија

1934. „Још нeштo о опасивању цркава, манастира и мртваца“. Гласник Етнографског музеја у Београду  IX. Београд: Етнографски музеј, 95–99.

1935. „Диховске ваљавице“. Гласник Етнографског музеја у Београду X. Београд: Етнографски музеј, 78–84.

1936. „Гуслар Ванђел из Охрида“. Прилози проучавању народне поезије III. Во коавторство со А. Шмаус. Београд: Народна просвета, 119–133.

1936. „Хришћанска хамајлија“. Гласник Етнографског музеја у Београду XI. Београд: Етнографски музеј, 69–75.

1937. „Смоларење у Поречу“. Гласник Етнографског музеја у Београду XII. Београд: Етнографски музеј, 136–144.

1940. „Прилепски гуслар Апостол“. Прилог проучувању народне поезије. Посебна издања бр. 2. Београд: Народна просвета, 1–88.

1940. „Знаци немуштог језика“. Гласник Етнографског музеја у Београду XV. Београд: Етнографски музеј, 113–122.

1946. „Јегејска Македонија“. Тридесет дана VIII–IX. Београд: Култура, 129–145.

1948. „Његошева препорука Мојсеју Станковићу“. Стварање III/1–2, јануар – фебруар. Цетиње: Народна књига, 64–65.

1949. „Бакаловичев рад иконостаса у Рачи“. Годишен зборник на Филозофскиот факултет на Универзитетот во Скопје 2. Скопје: Филозофски факултет, 317–339.

1950. „Питање Закамена“. Годишен зборник на Филозофскиот факултет на Универзитетот во Скопје 3/7. Скопје: Филозофски факултет, 3–22.

1950. „Caиџијe у Македонији“. Годишен зборник на Филозофскиот факултет на Универзитетот во Скопје 3/8. Скопје: Филозофски факултет, 3–12.

1951. „Осврт на етничките прилики во Пиринска Македонија“. Пирински глас II/25. Скопје: Културен клуб на Македонците од Пиринска Македонија и бившите емигранти од Бугарија во НР Македонија, 2–3.

1953. „Прављење безира у Прилепу“. Зборник Етнографског музеја у Београду 1901 – 1951. Београд: Етнографски музеј, 86–91.

1953. „Малесија“. Годишен зборник на Филозофскиот факултет на Универзитетот во Скопје 6. Скопје: Филозофски факултет, 1– 64.

1953. „Основни белешки за презимињата во Македонија“. Македонски јазик: Билтен на Катедрата за јужнословенски јазици при Филозофскиот факултет во Скопје IV/8. Скопје: Филозофски факултет.

1953. „Beating the ’Tupan‘ in the Central Balkan“. Notes XI. September. Во коавторство со Yuri Arbatsky. Washington: Music Library Association, 566–567.

1954. „Поље Дебарско“. Годишен зборник на Филозофскиот факултет на Универзитетот во Скопје 7. Скопје: Филозофски факултет, 123–186.

1954. „Етнографија или етнологија“. Зборник Матице српске VIII. Нови Сад: Матица српска, 55–66.

1954. „Немушти језик у предању и усменој књижевности Јужних Словена: Етнолошка истраживања о питању тога веровања код нас и у науци уопште“. Годишен зборник на Филозофскиот факултет на Универзитетот во Скопје. Историско-филолошки оддел. Посебни изданија. Кн. 5. Скопје: Филозофски факултет, 1–136.

1955. „Никулич“. Годишен зборник на Филозофскиот факултет на Универзитетот во Скопје. Историско-филолошки оддел. 8. Скопје: Филозофски факултет, 115–131.

1956. „The Mute Language in the Tradition and Oral Literature of the South Slavs“. Journal of American Folklore 69/253. July – September. Slavic Folklore: Simposium 5. Philadelphia: American Folklore Society, 299–309.

1956. Македонија – туристички водич. Б. Русиќ и други. Скопје: Уред за информации при Владата на НРМ.

1956. „Старији обичаји око одређивање земљишних међа и око пољских радова у Кичевији“. Гласник Етнографског музеја у Београду XIX. Београд: Етнографски музеј, 1–26.

1956. „Рад на оснивању Југословенског одбора за етнолошки филм“. Гласник Етнографског музеја у Београду XIX. Београд: Етнографски музеј, 318–319.

1957. „Сеќавање на Апостола“. Стремеж 3–4. Прилеп: Клуб на младите писатели, 46–48.

1957. „Суваче у Македонији“. Гласник Етнографског музеја у Београду XVIII. Београд: Етнографски музеј, 1–20.

1957. „Bericht über die ethnologische Arbeit in der VR Mazedonien (1945– 1955)“. Südost-Forschungen / Südostforschungen 16/1957. Leibniz: Instituts für Ost- und Südosteuropaforschung für historische Forschungen zu Südosteuropa, 456–459.

1957. „Грнчарство у Вранешници у околини Кичева“. Гласник Етнографског института САН II – III, (1953 – 1954). Београд: Етнографски институт, САН, 511–527.

1957. „Жупа Дебарска“. Годишен зборник на Филозофскиот факултет на Универзитетот во Скопје. Историско-филолошки оддел. Посебни изданија. Скопје: Филозофски факултет, 1–130.

1958. Beleške о najnovijim naseljenicima iz Makedonije u sedam ѕеla vršačkog dela Banata. Posebno izdanje Matice srpske. Novi Sad: Matica srpska.

1958. „Забелешки во врска со едно надополнување и доизјаснување“. Гласник на Институтот за национална историја III/1. Скопје: Институт за национална историја, 283–296.

1958. „Насељеничко село Сретеново крај Дојранског Језера“. Гласник Етнографског института САНУ VIII. Београд: Етнографски институт САНУ, 105–116.

1959. „Преношење вести и пошиљака између македонских печалбара и њихових породица“. PTT аrhiv 3. Beograd: PTT muzej Zajednica JPTT, 59–68.

1959. „Одредба појма фолкора“. Rad Kongresa folklorista Jugoslavije u Varaždinu 1957. Zagreb: Savez folklorista Jugoslavije, 271–273.

1960. „Guslaгsko tajno spoгazumevanje“. Rad Kongresa folklorista Jugoslavije – Bled 1959. Ljubljana: Savez folklorista Jugoslavije, 351–354.

1961. „Volkserzählungsforschung in Mazedonien“. Internationaler Kongress der Volkserzählugsfoscher in Kiel und Kopenhagen (19.08. – 29.08.1959). Vortäge und Referate. Berlin: De Gruyter, 354–361.

1963. „Pesme ѕа pevanjem uz ljuljanje kod Makedonaca i susednih južnoslovenskih naroda“. Rad IX–og Kongresa SRJ u Mostaru i Trebinju 1962. Sarajevo: Savez folklorista Jugoslavije, 333–355.

1964. „Negdasnje vetrenjače u Makedoniji“. Slovenski etnograf  XVI–XVII. Ljubljana: Slovenski etnografski muzej, 317–330.

1965. „Dalmatinska ’liгa‘ i ’gusla‘ makedonska“. Etnološki pregled 6–7. Spomenica u čast d-ra Milovana Gavazzia prilikom sedamdesette godišnjice života. Beograd: Etnološko društvo Jugoslavije, 105–110.

1965. „Лазо Коријарски, последен слеп гуслар во Македонија“. Гласник на Етнолошкиот музеј во Скопје 2. Скопје: Етнолошки музеј, 187–202.

1967. „Das Maskenwesen Jugoslaviens“. Schweizerisches Archiv für Volkskunde 63. Ruѕić, Вrаniѕlаv, Ilić Ma1uckov, Mirjana, Fi1ipović, М., Benc-Bošković, Katica, Išgum, Marija, Gavazzi, М. Ваѕе1: Schweizerisches Gesellschaft für Volkskunde, 185–202 (делот за Македонија).

1973. „Slovenci v Bistrenici v Makedoniji“. Во коавторство со Vilko Novak. Traditiones 2. Ljubljana: Inštitut za slovensko narodopisje SAZU, 177–202.

 

Библиографија на објавени прикази и критики на книги

1948. „Забележување и објавување народни песни“. Нов ден 1, јануари – февруари. Скопје: Друштво на уметници, научници и журналисти.

1950. „Нова книга за некои македонски народни ора“. Приказ. Нов ден 4. Април. Скопје: Друштво на уметници, научници и журналисти.

1950. „Dva nova antropogeografska rаdа geografa Makedonije“.  Годишен зборник на Филозофскиот факултет на Универзитетот во Скопје 2. Скопје: Филозофски факултет.

1950. „Dva nova antropogeografska rаdа geografa Makedonije“. Geografski vestnik XXII. Ljubljana: Geografsko društvo Slovenije, 238–239.

1952. „Wilkinson, H. R. ’Maps and Polities. A Review of the Ethnographic Cartogpraphy of Macedonia.‘ Liverpool, 1951“. Гласник Српског географског друштва XXXII. Београд: Српско географско друштво, 148-149.

1954. „Македонски народни умотворби“. Современост 6. Скопје: „Кочо Рацин“.

1955. „Што е значајно музиколошко дело“. Современост 3. Скопје: „Кочо Рацин“.

1962. „Значајан рад Aлбepтa Лорда о гусларским песмама“. Рад војвођанских музеја 11. Нови Сад: Војвођански музеј, 252–254.

1965. „Две књиге о ветрењачама“ Ernesto Veiga de Oliviera, Fernando Grehono e Menjamin Periera. Moijnos de Vento. Acores e Porto Santo. Lisboa., 335–336.

 

Библиографија на единици напишани од Б. Русиќ за „Енциклопедијата на Југославија“, Загреб

1. Азот Велешки, 12 реда

2. Бабуна, 54 реда

3. Бојмија, 28 реда

4. Бошава, 12 реда

5. Брод Македонски, 8 реда

6. Брсјаци, 90 реда

7. Варош (код Прилепа), 32 реда

8. Власи, 30 реда

9. Витачево, 13 реда

10. Галичник, 15 реда

11. Горани, 16 реда

12. Горна Река, 4 реда

13. Јуруци, 38 реда

14. Клепа, 30 реда

15. Коџаџик, 18 реда

16. Лазарополе, 6 реда

17. Малесија, 14 реда

18. Малешево, 15 реда

19. Македонци, 180 реда

20. Нестран, 28 реда

21. Прилепско-битолско Поле, 90 реда

22. Ресен, 12 реда

23. Славиште, 24 реда

24. Струшко Поле, 12 реда

25. Тиквеш, 30 реда

26. Трифуноски, д-р Јован, 7 реда

27. Урошевиќ, д-р Атанасије, 6 реда

28. Черкези, 25 реда

29. Читаци, 18 реда

 

Автор на делови од прашалници за Етнолошкиот атлас на СФРЈ

1. Фурна за печење леб надвор од куќа

2. Снабдување со вода

3. Ограда

4. Огниште

5. Вршник

6. Печки и греење

7. Добивање оган

8. Карактеристична поделба на покуќнината во главните простории

9. Маса – софра

10. Легла во куќата и времените ставови

11. Крошна – лулка

12. Ковчег – касела

13. Потпирачки, клучалки, катанци

14. Дибеци (ножен и рачен аван)

15. Садови за пиење вода

16. Садови и места за држење на водата

17. Садови за молзење и чување на млекото;

18. Називи и време на оброците во различни делови од денот.

Проекти

Б. Русиќ ја започнал научноистражувачката работа уште како студент преку „одлично изработените светосавски темати – напишани без никакви поттикнувања и помош – со бројни податоци, совесно и грижливо средени, со мноштво извонредни прилози: скици, цртежи, забележани народни песни со мелодии ставени во ноти“ (Потсетник, Јован Ердељановиќ).

Во 1934 г. го напишал светосавскиот темат „Долно Дупени – етнолошки белешки од животот и обичаите на една населба во Долна Преспа“ (Доњи Дупени – етнолошке белешке из живота и обичаји једног насеља у Доњој Преспи) и го поднел на Конкурсот на Универзитетот под шифрата „Брсјак“ за што ја добил наградата „Лазар Теокаревиќ“.

Во 1936 г. конкурирал со нов светосавски темат „Плетвар – етнолошки белешки“ (Плетвар – етнолошке белешке), под шифра „Taylor“, при што ја добил наградата од Неговото Височество Кралот.

Третата школска година, во 1937 г., учествувал на Конкурсот со темат „Историја на гусларите во Јужна Србија“ (Историја гуслара у Јужној Србији) под псевдонимот „Орфеј“ и повторно ја добил наградата на Универзитетот од Неговото Височество Кралот.

Во текот на студирањето, со финансиска и стручна помош од професорите Ј. Ердељановиќ и Т. Ѓорѓевиќ, патувал и истражувал речиси низ цела Македонија. Собрал богата етнолошка граѓа за народното гусларство, како и споредбени материјали од Егејска и Пиринска Македонија.

Во периодот 1947/1948 г., реализирал теренски истражувања во етнографскиот предел Преспа, каде што повторно се навратил во 1950/1951 г.

Тргнувајќи од ставот дека народната култура во Македонија, како и поишироко во регионот, забрзано се трансформира и исчезнува, Б. Русиќ сметал дека тоа се последните години кога истражувачите ќе можат да регистрираат бројни феномени на народната култура. Затоа се занимавал со интензивна теренска работа реализирајќи регионални теренски истражувања во: Малесија (1948; 1950), Охридско Поле и Струшко (1948/1949; 1953), Железник (1951/1952), Кривопаланечко – Славиште, Пијанец и Делчевска Осоговија (1953/1954), Дебарско Поле и Дебарска Жупа (Џупа) (1954), Цапарско (Сапарско) Поле (1956; 1957; 1958); во 1956 г. работел помеѓу македонските села во вршачкиот дел од Банат; во 1960 г. започнал истражувања меѓу другите етнички заедници во Македонија: Јуруци, Власи, Саракачани, Арбанаси; работел и помеѓу доселениците од Словенија во Македонија.

Б. Русиќ има посебен придонес во откривањето на третата збирка собрани песни од Стефан Верковиќ во 1957 г. Ракописот на Збирката имал околу 40 страници и околу 10 000 запишани стихови. Посебно детални теренски истражувања реализирал во однос на проблематиката на немуштиот јазик кај Македонците и кај другите јужнословенски народи.

© 2026. Институт за етнологија и антропологија, ПМФ, УКИМ, Скопје.