Развојот на библиотеката на ИЕА претставува резултат на општите процеси кои се одвивале во Република Македонија и се поврзани со развојот на етнологијата и антропологијата како академски дисциплини на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Со основањето на Семинарот за етнологија при Филозофскиот факултет во 1925 година започнува формирањето на специјализирана збирка публикации од областа на етнографијата, етнологијата и антропогеографијата.
По основањето на Семинарот за етнографија и етнологија во 1946 година, проф. д-р Бранислав Русиќ презел активности за основање и опремување на библиотеката на Семинарот. Преку преземање на дел од вишокот книги од Народната библиотека во Скопје и со сопствени средства за набавка, библиотеката располагала со приближно 1.300 библиографски единици. По укинувањето на Семинарот во 1953 година, односно по издвојувањето на Природно-математичкиот факултет од Филозофскиот факултет во 1958 година, фондот на библиотеката е пренесен на Географскиот институт. Во периодот до основањето на студиите по етнологија на Институтот за географија (1988 година) не се вршела значајна набавка на стручна етнолошка литература.
Од основањето на Заводот за етнологија при Институтот за географија до 2005 година, биле обезбедувани само најнеопходните домашни и странски изданија од областа на етнологијата и антропологијата. По формирањето на Институтот за етнологија и антропологија во 2005 година започна постапка за враќање на литературата со етнолошка и антрополошка содржина што останала во библиотеката на Институтот за географија при ПМФ, а според библиотечната евиденција припаѓала на студиите по етнологија.
Во моментов библиотеката на Институтот располага со 7640 евидентирани библиографски единици. Дел од нив се сериски публикации и списанија, а дел се зборници, монографски изданија, енциклопедии, речици и сл.
Со воспоставување на библиотечната база на ИЕА е овозможено електронско пребарување на библиографските единици, при што книгите може брзо да се идентификуваат преку нивната сигнатура.
Дигитална ризница на етнолошки и антрополошки ресурси (ДРЕАР)
ДРЕАР обезбедува слободен и некомерцијален пристап до постари изданија со етнолошка и антрополошка содржина. При користење на материјалите задолжително е нивно соодветно цитирање, со наведување на изворот: „Дигитална ризница на етнолошки и антрополошки ресурси (ДРЕАР), наслов на користеното издание и податоци за дигитализацијата“.
Евиденција на библиотечен материјал
Поголемиот дел од библиотечниот фонд на ИЕА е евидентиран и достапен за пребарување. Со тоа е овозможено систематско следење на фондот и полесно пронаоѓање на изданијата.
Дипломски, магистерски и докторски трудови
Во библиотеката се чуваат 263 дипломски работи, 26 магистерски трудови и 14 докторски дисертации изработени и одбранети на Институтот за етнологија и антропологија од 2006 до 2025 година.
Дипломски работи - Изработени и одбранети дипломски работи на Институтот за етнологија и антропологија во периодот од 2006 до 2025 година.
Магистерски работи - Изработени и одбранети магистерски трудови на Институтот за етнологија и антропологија во периодот од 2006 до 2025 година.
Докторски трудови - Изработени и одбранети докторски дисертации на Институтот за етнологија и антропологија во периодот од 2006 до 2025 година.
Библиотекар:
E-mail: beti.pavkovic@pmf.ukim.mk
Кон НУБ „СВ. КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ“ - Скопје
Збирка на проф. д-р Бранислав Русиќ
Покрај тоа што Библиотеката на Институтот за етнологија и антропологија е основана со книгите што ги набавувал проф. д-р Бранислав Русиќ (1912 - 1971) во средината на XX век, кои денес во најголем дел се наоѓаат во библиотеката на Институтот за географија на ПМФ при УКИМ, Збирката проф. д-р Бранислав Русиќ што денес се наоѓа на Институтот за етнологија и антропологија се однесува на ЛП музички плочи, седумдесет и осум на број. Всушност, станува збор за народна музика на различни етнички заедници од светот.
Збирка на Проф. д-р Галаба Паликрушева - Назим
Во 2017 година библиотеката на Институтот се збогати со голем дел од приватната збирка книги на проф. д-р Галаба Паликрушева (1928 - 2009), долгогодишен директор на Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ во Скопје. Повеќето од над 600-те наслови се однесуваат на дела со историска, етнографска и етнолошка проблематика. Меѓу нив доминираат публикации поврзани со истражувањата на етничкиот идентитет, особено на идентитетот на припадниците на исламската религија во Македонија и на Балканот. Најголем дел од изданијата се на македноски јазик, но значителен дел од нив се и на турски и на руски јазик. Освен тоа, збирката содржи и значајни истражувачки материјали во ракопис, како и документи.
Збирка на проф. д-р Џоел Мартин Халперн
Преку активноста на доц. д-р Љупчо С. Ристески, а во тесна соработка со проф. д-р Џоел Мартин Халперн, во текот на 2003 година се работеше на создавање на Збирката на проф. Халперн за Македонија, која денес се чува на Институтот за етнологија и антропологија на ПМФ при УКИМ, а проектот беше целосно реализиран со финансиска поддршка на Фондацијата Институт Отворено Општество Македонија. Основната цел беше да се соберат, да се класифицираат и да се архивираат сите материјали што денес се чуваат во Збирката на проф. Халперн во Архивот на Универзитетот во Амхерст, САД, а се однесуваат на Македонија. Во Збирката постојат повеќе стотици страници материјали кои се однесуваат на Македонија:
Проф. д-р Џоел Мартин Халперн на библиотеката на Институтот за етнологија и антропологија подари околу 1200 стручни публикации (периодични и монографски) од областа на етнологијата и антропологијата кои се подредени во Збирката, така што ИЕА може да се пофали дека ја има една од најрелевантните и најбогатите збирки со антрополошка литература на Балканот.
Збирка на проф. д-р Ѓорѓи Здравев
Збирката од проф. д-р Ѓорѓи Здравев (1941 – 2007), редовен професор на Институтот за етнологија и антропологија на ПМФ при УКИМ, добиена во 2007 година, се состои од околу 200 публикации кои првенствено се однесуваат на етнографијата и етнологијата на Македонија и на Балканот. Од особено значење се изданијата за народната носија, накитот, украсувањето како и другите аспекти на народната култура кај Македонците и кај балканските народи. Збирката на проф. Здравев содржи и вредни материјали во ракопис, теренски белешки, скици и цртежи на народни носии кои се изработени од него.
Збирка на проф. д-р Крсте Богоески
Во 2009 година д-р Крсте Богоески, редовен професор на Институтот за етнологија и антропологија на ПМФ при УКИМ, на институтската библиотека подари околу 600 библиографски единици од неговата лична библиотека. Подарената збирка, главно, содржи монографски публикации и списанија од областа на историјата, музеологијата и етнологијата. Освен на македонски, значителен број од подарените публикации се и на хрватски и на француски јазик.
Збирка на проф. д-р Анета Светива
Збирката којашто во 2013 година ја подари д-р Анета Светиева, професор на Институтот за етнологија и антропологија на ПМФ при УКИМ, содржи повеќе од 400 наслови од етнолошка и антрополошка литература. Особено се значајни мошне ретките и постари изданија од најпознатите истражувачи на народниот живот на Балканот од почетокот на XX век. Дел од збирката, исто така, се и голем број фотографии, белешки и разновидна документација создавана за време на нејзината истражувачка работа во областа на етнологијата и антропологијата во Македонија.
Збирка на проф. д-р Љупчо Ристески
Во повеќе наврати семејството Ристески (Инес и Љупчо), вработени во Институтот за етнологија и антропологија на ПМФ при УКИМ, започнувајќи од 2014 година донираше книги од сопствената библиотека, така што досегашната бројката на евидентирани наслови е околу 650. Се работи за стручна литература од областа на социјалната и култураната антропологија, етнографијата, етнологијата, лингвистиката и сродните науки. Голем дел од подарените монографски и периодични публикации се изданија на најпрестижните универзитетски и истражувачки центри во светот.
Збирка на проф. д-р Ванчо Тушевски
Институтот за етнологија и антропологија во 2010 година како подарок доби околу 170 публикации од библиотеката на д-р Ванчо Тушевски, редовен професор на Филолошкиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Збирката, претежно, се состои од изданија од областа на македонската и на светската историја, од областа на книжевноста, на јазикот и на фолклористиката.
Збирка на Тома Леов
Дел од оставнината на Тома Леов (1922 - 2004), дипломиран етнолог и долгогодишен директор на Ансамблот за народни игри и песни „Танец“ во Скопје, која беше подарена на Институтот за етнологија и антропологија на ПМФ при УКИМ во 2015 година, содржи над 100 илустрирани монографи од областа на историјата, уметноста, народната уметност и музиката. Исто така, застапени се и одреден број репродукции на уметнички дела, ЛП грамофонски плочи со народни песни и танци, како и етнографски материјали во ракопис.
Збирка на проф. д-р Наум Целакоски
Во 2023 година Институтот за етнологија и антропологија ја имаше честа да ја добие збирката на проф. д-р Наум Целакоски (1934-2023). Наум Целакоски се пензионирал како редовен професор по предметот културно наследство на Факултетот за туризам и угостителство – Охрид при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола. Како соработник на Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ во Скопје од 1967 година, бил активен теренски истражувач во родното село Мешеишта, како и во другите села на Дебарца, каде што собирал богати теренски материјали на различни теми од народната култура на населението од охридскиот крај. Збирката на проф. д-р Наум Целакоски се состои од околу 500 наслови од областа на фолклористиката и етнологијата на Македонија, подарени на институтската библиотека. Најголем дел од изданијата се на македонски јазик, но значителен дел од публикациите се на српски и англиски јазик. Исто така збирката содржи пишани текстови (објавени и необјавени), теренски материјали и теренски белешки од областа на фолклористиката, етнологијата и антропологијата.
| П | В | С | Ч | П | С | Н |
|---|---|---|---|---|---|---|
| 1 | 2 | 3 | 4 | 5 | 6 | 7 |
| 8 | 9 | 10 | 11 | 12 | 13 | 14 |
| 15 | 16 | 17 | 18 | 19 | 20 | 21 |
| 22 | 23 | 24 | 25 | 26 | 27 | 28 |
| 29 | 30 | 31 | 1 | 2 | 3 | 4 |