Архив


Архивот за етнолошки и антрополошки ресурси (АЕАР) и Дигиталниот архив за етнолошки и антрополошки ресурси (ДАЕАР) при ИЕА претставуваат централен и единствен извор на релевантни информации од областа на етнологијата и антропологијата за Македонија и пошироко, за сите заинтересирани за културното наследство во Македонија. Овие архиви како база ги опфаќаат сите досега собрани етнографски, фолклорни и други антрополошки материјали, специјални колекции на предмети, архивски материјали, аудио, фото и видео материјали што сега се чуваат во Институтот за етнологија и антропологија на Природно-математичкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во нив, континуирано и систематски се архивираат сите материјали што се собираат во текот на реализирањето на научно-истражувачките проекти и теренската настава на ИЕА. Значи, по својата природа, АЕАР, односно ДАЕАР се кумулативни бази.

Архивите се достапни и посебно значајни во процесот на осовременување на наставата на студиите по етнологија и антропологија, поради тоа што студентите можат директно и практично да учествуваат во сите фази од процесот на создавање на документи од културното наследство на Македонија. АЕАР и ДАЕАР се од исклучителна корист на научниците и истражувачите од областа на етнологијата и антропологијата поради тоа што се планирани да нудат пристап и преку интернет.

Дигитална база на Архив I

Дигитална база на Архив II

Цели

Постоењето на АЕАР и ДАЕАР има национално значење за Република Македонија поради тоа што во нив се собираат, чуваат, обработуваат и презентираат етнолошки, фолклорни и антрополошки материјали од културите на етничките заедници што живеат во Македонија. Овие Архиви се релативно нови, од крајот на деведесеттите години на XX век, но веќе во нив се чуваат материјали што потекнуваат од Македонија од почетокот на XX век, како специјални архивски збирки со посебно национално значење (материјалите на Јозеф Обрембски од 1931/`32 година и материјалите на Џоел Мартин Халперн за Македонија од 1954 до 2004 година).

Со создавањето на ДАЕАР ќе се обидеме да ги надминеме потешкотиите со класичниот начин на собирање, архивирање, чување и презентирање на културното наследство. За архивските материјали кои се собрани и се чуваат во Архивите во текот на минатиот век веќе е крајно време да се преземат активности за нивна што подобра заштита во форма на дигитални документи или нивни копии. Од тие причини се работи на дигитализирање на веќе постоечката база на податоци во која ќе бидат архивирани, чувани, обработувани и презентирани веќе различни категории етнолошко и антрополошко културно наследство: аудио-материјали (интервјуа и усни раскажувања од минатото и од сегашноста); транскрибирани теренски материјали (во дигитална форма); визуелни материјали (фотографии и видео-материјали); постари архивски документи (за кои е веќе проблематично оригиналите да им бидат достапни на корисниците).

Процесот на создавање на базите на АЕАР и ДАЕАР, а потоа и нивното перманентно користење и надополнување ќе има директна имплементација во подобрувањето и осовременувањето на наставниот процес на ИЕА во наставата на повеќето предмети, а пред сe по предметите: Теренска етнологија I, II, III и IV, како и Методологија на етнолошки и антрополошки истражувања.

Во АЕАР и ДАЕАР, досега се архивирани сите аудио, видео и други материјали собрани во текот на истражувањата на ИЕА. Вкупниот број на аудио-ленти изнесува околу 370, со исто толку траскрибирани материјали. Процесот на дигитализација на аудио и видео-материјалите е во тек. Во АЕАР и ДАЕАР се архивирани материјали од:

1. Теренски материјали (аудио, транскрибирани, видео, фотографии) реализирани при теренските истражувања на ИЕА и теренските настави со студентите на ИЕА;

2. Материјали од Збирката на проф. Џоел М. Халперн за Македонија (база на податоци, фотографии, архивски материјали);

3. Материјали од Јозеф Обрембски (полски етнолог и антрополог што истражувал во Порече, Македонија во 1931/32 година. Материјалите се копии од Архивот на Библиотеката Ду Боис на Универзитетот во Масачусетс, каде што се чуваат оригиналите).

4. Дигитализирани материјали од Збирката на професорот Ѓорѓи Здравев (1941-2007) (етнографски теренски материјали, фотографии, скици, документи).


1. Правилник за користење материјали од Архивот на ИЕА

2. Формулар за користење материјали од Архивот на ИЕА


Архивар и документатор на ИЕА: Бојана МИРЧЕВСКА, дипл. етнолог

Е-mail: bmircevska@yahoo.com


© 2024. Институт за етнологија и антропологија, ПМФ, УКИМ, Скопје.