Во фолклористиката, етнологијата и антропологијата, многу често се среќава терминот народна култура. За неа се знае дека „живеела“ во малите, локални заедници. Тоа е оној слој од културата кој бил граден низ вековите од анонимни, непознати или малку познати народни творци за задоволување на значајните и широките потреби на луѓето. Една од главните одлики на творците на оваа култура е тоа што тие истовремено биле и публика. Покрај тоа, народната култура била пренесувана од поколение на поколение, преку механизмите на традицијата и затоа, исто така, се нарекува традициска култура.
Народната култура претставува нераскинливо единство со материјалните елементи (артефакти) и духовните елементи (ментифакти) на кои им се придружуваат општествената организација, нормите на однесување, моралот и сл. Според тоа, некои истражувачи разликуваат три целини во рамките на народната култура:
-материјална култура (живеалишта и народно градителство, покуќнина, стопанство, исхрана, ракотворби, облекување и китење...);
-духовна култура (народни верувања, обичаи, обреди и празници, народна поезија и проза, музика и инструменти, игри, применето творештво...);
-социјална култура (семејство, род, роднински односи, односи со селските и градските општини, општествени организирања (црковни, еснафски, просветни и сл. како и народните обичајно – правни норми...).
Во рамки на оваа изложба се претставени само некои елементи од народната култура на Македонците во XIX и XX век – артефакти собирани за време на неколку децениските теренски истражувања и за време на теренската настава на наставниците и генерациите студенти од Институтот за етнологија и антропологија на ПМФ низ Македонија. При обликување на Збирката на етнографски предмети, треба да ги спомнеме залагањата на нашите професори: д-р. Анета Светиева и д-р. Ѓорѓи Здравев, а особено заложбите на д-р. Крсте Богоески, кој го иницираше основањето во рамките на Институтот. Затоа, како знак на благодарност им ја посветуваме оваа изложба.
Изложбата е отворена за посета на ученици од основни и средни училишта. При претходни организирани посети неа ја имаат посетено над 400 ученици, главно од подрачјето на Скопје но и од други делови на Македонија. Посетата е бесплатна, а во нејзини рамки во договор со наставниците се спроведуваат и креативни работилници на кои се поврзуваат новостекнатите знаења со наставните содржини.
| П | В | С | Ч | П | С | Н |
|---|---|---|---|---|---|---|
| 1 | 2 | 3 | 4 | 5 | 6 | 7 |
| 8 | 9 | 10 | 11 | 12 | 13 | 14 |
| 15 | 16 | 17 | 18 | 19 | 20 | 21 |
| 22 | 23 | 24 | 25 | 26 | 27 | 28 |
| 29 | 30 | 31 | 1 | 2 | 3 | 4 |