Историјат


Институтот за етнологија и антропологија, при Природно-математичкиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје е наследник на Одделението за етнологија, основано 1946 година од страна на професорот Бранислав Русиќ во рамките на тогашниот Филозофски факултет во Скопје. Одделението функционира сe до 1953 година кога по одлука на Министерството за образование на НР Македонија, престанува да постои. Единствено останува само еден предмет Етнологија кој бил вклучен во наставниот план и програма на Одделението за географија. Во периодот од 1969 до 1980 година има повеќе иницијативи за обновување на Одделението за етнологија, но сите се безуспешни.

Во 1984 година одговорните државни тела од доменот на науката и образованието донесуваат одлука за обновување на Одделението за етнологија како Завод за етнологија во рамките на Институтот за географија при Природно-математичкиот факултет во Скопје. Во тој период, до 1990 година на Заводот за етнологија работеле четворица доктори на етнолошки науки, во пензија: д-р Галаба Паликрушева, д-р Милош Константинов, д-р Душан Константинов и д-р Миодраг Хаџи-Ристиќ, а часовите по вежби ги држела асистент Мирјана Алулоска (сега Мирчевска). По 1990 година на Заводот за етнологија доаѓаат уште тројца доктори на етнолошки науки: д-р Анета Светиева, д-р Нијази Лиманоски, д-р Ѓорѓи Здравев, еден доктор по музеолошки науки: д-р Крсте Богоески, како и двајца асистенти кои подоцна ги одбранија и своите докторски дистертации: Љупчо Неделков и Љупчо С. Ристески. Во последните неколку години на Заводот за етнологија се вработуваат уште двајца асистенти: Даворин Трпески и Илина Јакимовска.

Во 2005 година, на 31-ви март, Наставно-научниот совет при ПМФ го променува Статутот на ПМФ со што Заводот за етнологија прераснува во Институт за етнологија и антропологија и е внесен како седми Институт во рамките на Природно-математичкиот факултет во Скопје, а официјално започнува да функционира од 1-ви октомври 2005 година. Сегашниот наставен план и програма на студиите на Институтот се направени според наставните планови и програми на европскиот кредит-трансфер систем за етнологија и антропологија.


© 2024. Институт за етнологија и антропологија, ПМФ, УКИМ, Скопје.