Документи за дипломска работа

Врз основа на член 84 став 1 алинеја 2 од Статутот на Природно-математичкиот факултет при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје, Деканатската управа на Факултетот, на 12. редовна седницата одржана на 17.11.2021г., донесе:

УПАТСТВО за пријавување, оцена и одбрана на дипломска работа на прв циклус на студии (додипломски студии) на Универзитетот Св. Кирил и Методијво Скопје

Природно-математички факултет - Скопје

 I ОПШТИ ОДРЕДБИ

Член 1

 Со ова упатство се пропишува постапката за пријавување, оцена и одбрана на дипломска работа на прв циклус на студии (додипломски студии) на Факултетот.

 Член 2

Дипломската работа најрано може да се запише во осмиот семестар од соодветната учебна година. Тој предмет се запишува само еднаш и не се презапишува. Студентот може да ја пријави дипломската работа откако ќе освои најмалку 200 ЕКТС кредити .

 II ПОСТАПКА ЗА ПРИЈАВУВАЊЕ НА ДИПЛОМСКА РАБОТА

Член 3

  • Дипломската работа се пријавува до Одделението за студентски прашања (во понатамошниот текст: Одделението) преку Архивата на Факултетот на утврден образец Пријава за дипломска работа која е составен дел на Упатството и е достапна на веб страницата на Факултетот.
  • Пријавата студентот ја пополнува во договор со менторот. Менторот задолжително ја потпишува. На пријавата по менторот се потпишува и раководителот на соодветниот институт. Студентот ја доставува Пријавата во Архивата на Факултетот.
  • Пријавата за дипломска работа се заверува во Архивата во 1 примерок.
  • По заверката, пријавата ја одобрува деканот на Факултетот и се доставува во Одделението.
  • Ментор за дипломска работа може да биде само наставник кој е вработен на Факултетот и кој реализира предметна настава во рамките на студиската програма.
  • Менторот треба да е од соодветна област од која е предметот на дипломската работа.
  • Менторот е должен да ја следи работата на студентот, да му помага со совети и да го упати во литературата потребна за изработка на дипломската работа.

III ПОСТАПКА ЗА ОЦЕНА НА ДИПЛОМСКА РАБОТА

Член 4

 Изработената дипломска работа се предава на менторот на разгледување.

  • Студентот е должен да постапи по напатствијата и забелешките на менторот.
  • Менторот е должен да ја разгледа дипломската работа и да ја врати на студентот со коментар најдоцна во рок од 15 дена од денот на предавањето на дипломската работа.
  • Студентот може да ја достави изработената дипломска работа на оценување, откако ќе ги положи сите предвидени испити, ќе ги исполни сите услови утврдени во студиската програма и ќе ги регулира сите административни и финансиски обврски  за што доставува Барање за проверка на студентско досие до Одделението. Барањето се подига од Одделението и е достапно на веб страницата на Факултетот.
  • Одделението е должно во рок од 5 работни дена од денот на поднесување на барањето да го прегледа досието и да го извести студентот за тоа дали студентското досие е комплетирано.
  • Одделението по комплетирањето на досието издава Извештај од извршена проверка на студентско досие и му го дава на студентот.
  • Студентот архивираниот Извештај од проверка на студентското досие го доставува до менторот заедно со 4 примероци од дипломската работа (за менторот, за членовите од Комисијата и за Библиотеката на Институтот)
  • Студентот или менторот можат да поднесат образложено барање за промена на ментор на дипломската работа.
  • Барањето за промена на ментор го одобрува Раководителот на соодветниот институт.
  • Откако промената на ментор ќе биде одобрена, студентот поднесува нова пријава за дипломска работа при што може да продолжи да работи на истата, слична или изменета тема на дипломската работа.
  • Во текот на изработката на дипломската работа може да се направи измена на насловот со која ќе ја допрецизира избраната и одобрена тема за дипломската работа. Конечниот наслов се запишува во извештајот на Комисијата за одбрана на дипломската работа.

 IV ПОСТАПКА ЗА ОДБРАНА НА ДИПЛОМСКА РАБОТА

Член 5

  • Менторот во договор со студентот, го определува денот на одбраната на дипломската работа.
  • Студентот доставува копија од првата страница на дипломската работа во Одделението пред терминот за одбрана.
  • Одбраната на дипломската работа се врши пред комисија составена од 3 члена (наставници) од кои едниот е менторот.
  • Најмалку еден член во комисијата мора да е од Институтот каде се реализира предметната програма.
  • На денот на одбраната студентот носи индекс и Пријава за испит заверена во Одделението.
  • Одбраната започнува со воведно излагање на менторот кој ги запознава присутните со темата на дипломската работа.
  • По излагањето на менторот, на кандидатот му се овозможува да ја изложи дипломската работа во времетраење од најмногу 20 минути.
  • Одбраната се состои од усно излагање на резултатите од работата и образложение за издвоените заклучоци, како и одговор на прашања на комисијата во врска со резултатите и заклучоците добиени со изработка дипломската работа.
  • Оценката се носи со мнозинство гласови на членовите на комисијата.
  • На денот на одбраната Комисијата за одбрана на дипломска работа:

1) внесува оцена во индекс, во Пријава за испит и во iKnow систем;

2) пополнува Извештај за одбранета дипломска работа и го заверува во Архива и

3) доставува пополнета Пријава за испит во Одделението за студентски прашања.

  • На студентот кој добил оценка 5 за дипломската работа, може да му се издаде уверение за положени испити, со забелешка дека нема изработено дипломска работа. Тој има право да ја доработи истата дипломска работа или да поднесе пријава за нова дипломска работа.

 Член 6

Составен дел на ова упатство се:

Прилог 1 Пријава за дипломска работа

Прилог 2: Барање за проверка на студентско досие

Прилог 3: Извештај од проверка на студентското досие

Прилог 4: Извештај за одбрана на дипломска работа

Член 7

Упатството влегува во сила со денот на донесувањето.

 Декан

Проф. д-р Александар Скепаровски

 

 


© 2024. Институт за етнологија и антропологија, ПМФ, УКИМ, Скопје.