Д-р Љупчо НЕДЕЛКОВ, доцент, (1964-2012) е роден на 10 март 1964 г. во Скопје каде што го завршил основното и средното образование. Во 1989 г. дипломирал на Заводот за етнологија (сега Институт за етнологија и антропологија) на ПМФ во Скопје стекнувајќи се со степен дипломиран етнолог. Во 1996 г. успешно ги завршил постдипломските студии по етнологија на Одделението за етнологија и антропологија на Филозофскиот факултет на Универзитетот во Белград стекнувајќи се со степен магистер по етнолошки науки со магистерскиот труд со наслов: „Народната носија на Власите и Саракачаните во Македонија“. На 30.12.2003 г. јавно ја одбранил својата докторска дисертација на Заводот за етнологија на Институтот за географија при ПМФ на Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје со наслов: „Обреди на премин од животниот циклус на Македонците од Тиквеш“ под менторство на професорката Анета Светиева. Во 1990 г. е избран за стручен соработник во Заводот за етнологија на ПМФ ‒ Скопје во 1993 г. е избран за помлад асистент во 1997 за асистент а во 2004 за доцент на Институтот за етнологија и антропологија при ПМФ, Скопје. Како стручен соработник помлад асистент и асистент држел вежби по предметите општа етнологија етнологија на Македонците етнологија на Азија етнологија на балкански несловенски народи етнологија на Власи етнологија на Албанци. По изборот во доцентско звање покрај овие предмети држел настава по предметите менаџмент во културата антропологија на религија и антропологија на туризам. Главни подрачја на стручен и научен интерес му беа антропологија на религијата народната религија културите на Азија како и подоцна воспоставените студиски предмети менаџмент во културата и антропологија на туризмот кои беа вклучени по негова сугестија. Од неговата актива во делот на научните трудови се издвојуваат: 1997: Традиционалната исхрана на Саракачаните во Македонија Етнолог 7-8 (108-114); 1998: Основни карактеристики на влашките народни носии во Македонија Balkanoslavica 25 (113-136); 2001: Носиите на Саракачаните во Република Македонија ЕтноАнтропоЗум 1 (192-208); 2004: Народно-религиски концептна смртта и декодирање на пораките со смртен предзнак во народната традиција на Македонците Етнолог 10 (42-50). Особено внимание заслужува изданието на книгата од тематско-монографски тип со наслов „Народната носија на Власите и Саракачаните во Македонија» издадена во 2009 г. Постхумно во издание на Институтот за етнологија и антропологија е објавена неговата докторска дисертација „Обреди на премин од животниот циклус на Македонците во Тиквеш“. За жал д-р Љупчо Неделков почина на 48-годишна возраст во 2012 г.
П | В | С | Ч | П | С | Н |
---|---|---|---|---|---|---|
2 | 3 | 4 | 5 | 6 | 7 | 8 |
9 | 10 | 11 | 12 | 13 | 14 | 15 |
16 | 17 | 18 | 19 | 20 | 21 | 22 |
23 | 24 | 25 | 26 | 27 | 28 | 29 |
30 | 31 | 1 | 2 | 3 | 4 | 5 |