Д-р Анета СВЕТИЕВА, е редовна професорка (во пензија) на Институтот за етнологија и антропологија. Родена е 1944 г. во Битола каде што ги завршува основното и средното образование. Во 1963 г. се запишува на Академијата за ликовни уметности на Универзитетот во Белград каде што дипломирала во 1968 г. Во 1971 г. успешно ги завршува постдипломските студии на Академијата за ликовни уметности и се стекнува со научниот степен магистер по скулптура. Докторирала на Филозофскиот факултет Одделение за етнологија и антропологија во 1988 г. на тема „Резбани тавани долапи и врати”. Во 1978 г. се вработила во Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ како асистентистражувач по духовна и социјална култура. Следните години работи во споменатиот Институт поминувајќи ги сите научни звања се до највисокото научно звање: научен советник. Во 1990 г. се вработува на Заводот за етнологија (сега Институт за етнологија и антропологија) на ПМФ. Во 1995 г. го добива највисокото наставно-научно звање ‒ редовен професор. На Заводот за етнологија ги предава предметите од областа на духовната и социјалната култура на Македонците но и на останатите балкански народи и етнички заедници. Истовремено изведувала настава и по предмети од областа на етничките процеси и етногенезата на Македонците и етногенеза на балканските народи. Досега има објавено повеќе од 65 стручни и научни трудови од кои повеќе од дваесетина се во странски списанија. Во својот работен професионален период била главен и одговорен уредник на научното списание ЕтноАнтропоЗум списание на Институтот за етнологија и антропологија. Во два наврати била и главен уредник на стручното списание Етнолог списание на МЕД и во периодот 2001 ‒ 2005 била претседател на МЕД. Истовремено членува и во други стручни здруженија. Професорката д-р Анета Светиева учествувала во повеќе од триесетина домашни и странски проекти. На многу од нив е главен носител на проектот. Член е на повеќе комисии за научно и стручно вреднување на изготвени проекти при Министерството за култура и Министерството за образование и наука каде во повеќето е прв рецензент. Исто така била ментор на 16 магистерски работи и преку десет докторски дисертации. Целокупниот денешен кадар на ИЕА (освен еден колега) се нејзини докторанди. Особена заслуга на професор д-р Анета Светиева е прераснувањето на Заводот за етнологија во Институт за етнологија и антропологија во 2005 г. по 20-годишно постоење. Само таа знае колку енергија труд работа пожртвуваност и вештина изискувало постигнувањето до оваа цел. За целокупната активност во наставно-научната работа за придонесот во развојот и одржувањето на етнолошката мисла во Македонија се има вложено самата себе оставајќи силен печат во развојот и опстојувањето на етнологијата во нашата држава.
П | В | С | Ч | П | С | Н |
---|---|---|---|---|---|---|
2 | 3 | 4 | 5 | 6 | 7 | 8 |
9 | 10 | 11 | 12 | 13 | 14 | 15 |
16 | 17 | 18 | 19 | 20 | 21 | 22 |
23 | 24 | 25 | 26 | 27 | 28 | 29 |
30 | 31 | 1 | 2 | 3 | 4 | 5 |